Добро Живеење

Каизен- Најдобрата Техника За Себе Унапредување

Каизен

Сигурно ќе можете да се поистоветите со следната приказна… Ви доаѓа инспирација да промените некој аспект од животот, пишувате цели, рокови и се фаќате за работа. Без разлика дали станува збор за симнување на килограми, започнување на некој нов проект, или пак менување на навиките, насоката е јасна.

Првите неколку дена, ентузијазмот сеуште ве држи, пишувате во вашиот потсетник или апликација, успешно ги штиклирате задачите. Но доволен е само еден лош ден на работа, едно легнување доцна, или некакви непријатни околности, и вие сте надвор од колосек.

Планот набрзо пропаѓа, потсетникот веќе не го ни отворате, и себе-унапредувањето доживува голем застој.

Не само што сте останале на истата телесна тежина, не сте го започнале проектот или пак не сте ги смениле навиките, туку сега имате и друга дупка на појасот- сето ова, плус непријатното чувство на неуспех.

Но, човечката меморија е прекрасна работа, па така со време забораваме на нашиот неуспешен обид за промена, и за неколку месеци до година повторно сме во фаза на планирање. Процесот, за жал, одново се повторува.

Предизвиците на себе-унапредување

себе-унапредување

Без разлика колку пати сме пробале, процесот несомнено се повторува. До тој степен што следниот обид носи со себе и себе-презир. “Зашто еднсотавно не можам да средам некои работи?”

Но предизвиците при себе-унапредување се навистина тешки, и во согласност со човековата природа. Па така…

Фокусирање на огромна цел

Кога пред себе си поставувате монументална задача, нормално е дека шансите да потфрлите се огромни. Соочени со големината на задачата, често не обзема летаргија, и страв да започнеме.

Големите цели не одвратуваат од активност, поради тоа што изгледаат страшно, недостижно. Понекогаш тие знаат да инспирираат, токму поради тоа што се големи, но исто како и лавот, црната дупка и Големиот Кањон- кои се инспиративни – можат да ве проголтаат.

Барање магично стапче

Често, сакајќи да си го промениме животот,  знаеме да тргнеме во потрага по нешто поинакво, специјално, кое ќе ни даде огромна предност. Ги бараме најдобрите техники, правилните книги, 80-тото видео на ЈуТјуб…

Но барањето на магична формула, во превод значи губење време и не превземање ништо. Додека се чувствуваме дека нешто се случува, ние всушност стоиме во место.

Прекин на она што вродува со плод

Ние луѓето сме такви да веднаш штом видиме резултат, знаеме да се охрабриме и да си дозволиме простор за опуштање. Ова често завршува со прекинување на активностите кои ни го подобриле животот, па така се враќаме на истото место каде што сме почнале.

Трчате, слабеете, медитирате, работите на своето хоби… и токму кога почнува да оди добро, си давате момент за релаксација. И овде целиот систем пропаѓа.

Себе подобрувањето не е дестинација. Тоа никогаш не завршува.

Каизен ефектот- 1% подобрување секој ден

каизен

Време е, по се изгледа, да излезете од вртелешката на себе-унапредување.

Време е за мали но постојани подобрувања секој ден. Како што вели Бенџамин Френклин, малите удари буткаат огромни дрвја.

За да го направите ова потребно е да ја прифатите филозофијата на секојдневен напредок, со многу мали и навидум незначајни чекори. Ова се вика каизен. И додека звучи како да произлегла од некоја мистична јапонска пештера, вистината е дека потеклото го влече од Америка, за време на големата депресија.

Бизнис теоретичари и менаџери го измислиле овој концепт кој и помогнал на Америка подоцна да ја добие и втората светска војна. За што станува збор?

Каизен техниката најпрвин нема име, туку е генерална пракса на правење мали промени во компаниите, со цел да се искористи опремата и средствата кои се на располагање. Подоцна, кога ова вродува со плод, американски теоретичари по бизнис ги предаваат овие принципи на јапонските компании со цел да ја ревитализираат нивната економија.

Јапонците ја превземаат оваа техника, и и даваат име Каизен.

Што е всушност каизен?

Тим Ферис- каизен
Тим Ферис- познат автор и претприемач кој практикува Каизен

Наместо да правите радикални промени во вашиот живот- “од утре почнувам со трчање, јадам здраво и си легнувам порано…” – започнете со мали и незначителни активности. Секој ден обидете се да станете 1% подобри во било која насока. Тоа е тоа- само 1%.

Па така, и покрај тоа што најпрвин унапредувањата излгедаат толку мали и се скоро незабележителни, ефектот почнува да се акумулира со тек на време. Можеби ќе бидат потребни месеци или година, но кога ќе ја забележите промената таа ќе биде ефективна и ќе вроди со плод. Целта е, да се фокусирате на вашиот 1% секој ден.

Евентуално, ќе дојдете до точка на унапредување каде вашиот 1% ќе биде еднаков на напредокот од првите неколку дена заедно. Ова изгледа тешко да се замисли, но погледнете- 1% од 1 (нивото на кое сте можеби сега) е само 0.01%. Но 1% од 100 (каде што за некое време ќе бидете) е подобрување еднакво на неколку месеци напор. Ова се разбира, е теоретскиот приказ- во пракса, стремежот е поедноставен- направете нешто денеска, кое во вашите очи ќе биде само 1% подобрување од состојбата вчера.

Како каизен функционира?

Каизен

Едноставно е- кога правите мали подобрувања во кондициската спрема, на пример, со тек на време се забележува огромна разлика. Не денес, не утре, не оваа недела… но кога ќе се забележи разликата- била таа после неколку месеци или пак година, обично истата останува.

Каизен, за разлика од сите други обиди за себе-унапредување, поттикнува акција. Наместо да се соочувате со големи цели кои тешко се разградуваат на мали чекори, вие започнувате со мали чекори.

Исто така, каизен ве тера да се фокусирате на она кое вродува со плод- мали и коинзистентни промени. Наместо да барате магична формула, каизен ве потсетува- веќе знаете што треба, само правете го секојдневно и чекор по чекор.

За крај, каизен не е алатка за постигнување на одредена цел или дестинација- тоа е начин на живот. И како таков, тешко се заборава па дури и откако ќе направите некаков успех. Тој останува со вас- за долго време.

Па така, пронајдете ги тие 1% кои можете да ги направите денес, и обидете се да го држите истото темпо секој ден. Нема брзање, нема магични формули, нема нагли промени. Само вашиот 1% на ден. За некое време животот ќе ви изгледа навистина поинаку.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *