Вести и Експерти

Меланом – Имате само една кожа

dejan fiipovic melanom

Што всушност е меланомот?

Меланомот, претставува малигнен тумор на меланоцитите, а се јавува на кожата и слузокожите. Меланоцитите се клетки кои го создаваат меланинот – пигментот на кожата. Тој е еден од најинвазивните тумори и има способност да метастазира во секој орган, дури во мозокот и срцето, но во потполност е излечив ако се открие на време. Главен метод на лекување е хируршкото отстранување. Ако се отстрани делот на заболена кожа во раната фаза, излекувањето е стопроцентно. Затоа е важно овој агресивен карцином да се открие токму во раната фаза. После излекувањето, се продолжува нормално да се живее.

Евалуација на меланомот

Целта е да се препознаат меланомите во најраната фаза. Пациентите треба да се запознаени со АБЦДЕ системот на евалуација на промената на кожата, односно:
А = асиметрија, меланомот е неправилен и асиметричен;
Б = бордер, граница, има засечен и нарабен раб;
Ц = колор, бојата му е во повеќе нијанси, од пурпурна до црна и околу меланомот може да се јави црвено хало;
Д = дијаметар, обично е поголем од 6 мм во пречник;
Е = елевација, се јавува како резултат на вертикален раст на туморот.

Улцерацијата и крварењето се подоцнежни знаци. Доколку се забележи било кој од овие симптоми, задолжително треба да се побара помош од дерматолог кој ќе направи детален скрининг за да ги отстрани сомнежите или ако се потврдат, да се лекува и излекува. Повеќето пигментирани, сомнителни лезии се проверуваат со специјален скрининг, со супериорен инструмент, наречен дермоскоп, односно дермоскопија.

бемки

Зголеменото изложување на ултравиолетовото УВ зрачење се смета дека е фактор за зголемена инциденца на меланомот. Ултравиолетниот дел од спектарот на сончевата светлина е главната причина за сите видови рак на кожата вклучувајќи го и меланомот. Изгорениците се фактор на ризик за меланомот, а главно се должат на УВБ зраците. Меѓутоа, меланомите се исто така очести и кај луѓе изложени на УВА зрачење, односно зрачење кое се емитира од солариумите како и при ПУВА терапија. Изложувањето на сонце е главен фактор за појава на 50-70% меланоми, иако тие може да се појават и на површини од телото кои нормално не се изложени на сонце. Луѓето кои ретко се сончаат и лесно добиваат изгореници се изложени на двојно зголемен ризик од појава на меланом. Истражувањата докажале дека лицата со рекреативно изложување на сонце се под поголем ризик за меланом од оние лица со постојано професионално изложување на сонце. Континуирана изложеност на сонце, веројатно игра заштитна улога во ризикот од меланом. Се претпоставува дека сончевата светлина предизвикува кожна имуносупресија (намалување на активноста на имуниот систем).

Ризик фактори

Ризик фактори за развој на меланом се: генетските фактори и факторите на околината. Висок ризик за развој на меланом имаат индивидуи со (генетски фактори): дијагностициран меланом кај најмалку двајца блиски членови од фамилијата, зголемен број на бенки (повеќе од 100), светол тен, светли очи и коса и тенденција на сонце да изгорат наместо да потемнат, над 50 години, изгореници во детството, трансплантација на органи. Од факторите на околината, сончевата УВ експозиција, особено ексцесивното сончање, се смета како главен ризик фактор за развој на меланом, дури и по долгогодишен латентен период.
Трауми на кожата, особено на бемките, хормоналното влијание и пушењето не се асоцирани со почесто јавување на меланомот на кожата.

Дерматолошки совет

Совет од нас дерматолозите е да се намали изложувањето на сонце, што е можно повеќе, особено во периодот од 11-16:00 часот. При изложување на сонце, задолжително да се заштити кожата со заштитна крема со висок заштитен фактор (за УВА и УВБ зраци) најмалку половина час пред изложувањето на сонце (нивниот ефект трае само два до три часа и повторно да се нанесе). Хемиските средства за заштита од сонце ги блокираат УВБ зраците, но помалку УВА. Сепак даваат 90% заштита од штетната УВ светлина. Овие средства заштитуваат и од еритем и изгореници и кај лицата со бел тен намалуваат појава на невуси, кои се јавуваат од сонцето. Да се носи заштитна гардероба со долги ракави, капи или шешири и очила за сонце кои дефинитивно се најдобра заштита од сончевите зраци. Треба да се знае дека и песокот и тлото рефлектираат УВ зраци дури и под чадорите за сонце. Дури и снегот посебно добро рефлектира УВ зраци. Треба да се избeгнува и изложување на УВ зраци од лампи за сончање и солариуми.

Во Македонија расте бројот на пациенти со рак на кожата, што зборува за потреба од интензивни активности и кампањи за едукација за превенција која е неопходна. Затоа и оваа година, како наназад неколку години, во сите дерматолошки институции низ Р.Македонија се спроведува кампањата “Еуромеланома 2017”, со бесплатни прегледи на сомнителните дамки на кожата, под мотото “Имате само една кожа”.

Д-р Дејан Филиповиќ

Специјалист дерматовенеролог

Поликлиника “Битпазар”, ЈЗУ “Здравствен Дом Скопје”, Скопје.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *